ГО ОДБЕЛЕЖУВАМЕ РОЗОВ ОКТОМВРИ – МЕСЕЦ ЗА ПОДИГАЊЕ НА СВЕСТА ПРОТИВ РАКОТ НА ДОЈКАТА
По повод деновите за подигање на свеста против ракот на дојка, наставниците од областа на медицината и учениците од профилот медицинска сестра организираа јавен настан во нашето училиште и реализираа презентација -Демонстрација на самопреглед, а потоа следуваше дискусија и одговарање на прашања од публиката. На ваквата презентација учествуваа ученици од другите образовни профили и вработените од училиштето.
ИНФОРМАЦИИ ЗА РАКОТ НА ДОЈКА:
Ракот на дојката се јавува кога абнормални клетки почнуваат да растат и да се размножуваат вон контрола. Тие клетки формираат туморска маса која може да биде или бенигна (неканцерогена) или малигна. Бенигните тумори се абнормални израстоци кои не се шират надвор од дојките и не се опасни по здравјето. Ракот на дојката се однесува на малигнен тумор кој започнува во каналите или лобусите на дојката и има потенцијал да се прошири (метастазира) во други делови од телото.
Редовните самопрегледи им помагаат на жените да се запознаат со нормалниот изглед на дојките, да ги почувствуваат и брзо да забележат какви било промени.
ЗНАЦИ на предупредување:
• Секоја промена во големината, обликот или текстурата на дојките.
• Деформитети на брадавицата, како што е повлекување на брадавицата (навнатре) или инверзија.
• Промени на кожата, како влабнување на површината, изглед како кора од портокал, иритација, осип.
• Исцедок од брадавиците што може да биде или бистар или жолт, крвав, итн.
• Болка во дојките која не поминува со следниот менструален циклус.